
Поголемиот дел од игрите на платформата Steam се одликуваат со одреден број карти чие комплетирање го зголемува вашиот Steam левел, a и отклучува значки и слични дигитални „добра“. Оние на кои ваквото нешто воопшто не им значи можат да ги продаваат картите на другите корисници и да ги искористат таквите средства за купување игри. Секако, поголемиот дел од картите се продаваат за 0.03-0.06 евра, но знаете како викаат, капка по капка…
Ваквата „заработувачка“ е минимална и, нормално, морате да потрошите за да добиете, а и да не зборуваме за времето кое е потребно една игра да ги исфрли сите карти, чиј број обично се движи од три до десет карти по игра. Треба да ја инсталирате играта, да ја вклучите и да ја играте со часови, а не помага ни новото правило на Steam, според кое играта треба да ја играте најмалку два часа пред да почне исфрлувањето карти (на овој начин Valve се штитат од вашето право да побарате да ви се вратат парите во првите два часа од играњето).
Но, игрите сте ги купиле и картите се тука, зошто да не ги продадете? Или уште подобро, како да ги извлечете картите без да се малтретирате со инсталирање игри и нивно индивидуално покренување?
Idle Master
Откако ќе го покренете Steam, преземете и вклучете го програмот Idle Master. Внесете ги вашите Steam податоци преку програмот (не се грижете, Idle Master врши само верификација преку Steam) и потоа заборавете на програмот. Додека вие работите што било, Idle Master мајсторски го „лаже“ Steam дека сте покренале одредена игра. Како поминува времето, така програмот копа карти кои автоматски се сервираат во Steam Inventory, спремни за понатамошно продавање.
Под хаубата
Во опциите на Idle Master можете да направите одредени прилагодувања, од кои би сакале да ве советуваме да ја изберете втората опција од полето Idling Behavior, и втората опција од полето Idling Order. Со ваквото поставување, му кажувате на програмот првин паралелно да „работи“ на повеќе игри до два часа, а потоа да започне со индивидуално копање карти. Исто така, приоритетот ќе биде првин на оние игри чија вредност на карти е највисока.
Профит
Картите обично продавајте ги за време на викендот и гледајте цената да е за 0.01 евро пониска од моментната. Нормално никој нема да ве спречи да продавате и за повисока цена, но дискутабилно е кога и дали би ја продале картата. Исто така, не заборавајте дека требате да ја имате инсталирано и Steam апликацијата на вашиот паметен телефон за да можете веднаш да ги одобрите продажбите. Во спротивно треба да чекате седум дена за да картите се појават за продажба, а до тогаш цените на картите ќе бидат значително променети и тешко ќе можат да се продадат. Поради тоа, наш последен совет е еднаш неделно да ги повлекувате непродадените картите од пазарот и повторно да ги поставувате со нови цени кои се исти или малку пониски од моментната цена. Ваквото нешто е најисплатливо за гејмерите кои имаат повеќе игри и е интересен начин за додатна финансиска инфузија, особено за време на длабоките попусти. :)
The post Печалете од вашите Steam игри со Idle Master appeared first on IT.mk.