
Во моментот кога го читате ова, најновата епизода за Icebrood сагата е излезена. Но, дали успева да ги задоволи и почетниците и ветераните? Со затворената бета се дружевме нешто повеќе од недела дена, па дури и имавме можност да разговараме со девелоперите од ArenaNet! Ова се нашите впечатоци!
Оние кои ја завршија претходната сезона знаат дека на ред е да се слави победата над Кралкаторик. Смртта на змејот кој сееше хаос низ цела Тириа го направи невозможното – создаде услови за обединување на Чар легиите. Но, она што првин се чини надеж за светол почеток, набргу открива морбидни амбиции на ратоборно настроен император.
Прологот Bound by Blood се одликува со исклучително интересна приказна, прераскажана на преубав начин. Arena Net се имаа потрудено да го опсипат играчот со имерзивно искуство од епски карактер. Сè околу вас е разиграно, преполно со најразлични карактери кои се желни да го искажат нивното мислење и да ве запознаат со комплексните слоеви за (не)возможен соживотот помеѓу легиите. Доколку играте со чар лик, ќе стапувате во малку поразлична интеракција и ќе можете, на исклучително суптилен начин, малку поразлично да ја доживеете приказната.
Icebrood сагата се одликува со значително помрачна приказна!
Падот на Кралкаторик се слави на целосно нова територија и преку најразлични активности. Некои од нив се одликуваат со целосно револуционерни механики за Guild Wars 2. Имено, во една активност треба да се качите на движечка платформа и да пробате да погодите што е можно повеќе мети. За време на нашата демо сесија, девелоперите нѝ објаснија дека ова е прво вакво искуство кое некако ги допира границите со пукачките жанрови. Потоа, бевме одведени на една друга активност, каде возевме војно возило и, користејќи пет уникатни офанзивни и дефанзивни способности, се боревме против другите играчи. За време на адреналинските битки, девелоперите објаснија како ова е прва ситуација да се овозможи PvP во еден отворен PvE свет во нивната игра. Се ветија уште многу вакви активности и експериментирања во иднина.
Неколку моменти пред апсолутно лудило!
Откако нашата легија победи, беше време да присуствуваме на концерт. Да, во Bound by Blood можете да бидете дел од настап на позната чар група и да слушате некоја од три песни, специјално осмислени за потребите на оваа активност. Додека оди песната имате за задача да се справите со луди фанови, да ја поправате техниката, да гасите пожари и многу повеќе. За секоја песна имате различни конфигурации и ако за време на една песна сте правеле серија од едни настани, за време на друга песна ќе се фокусирате на нешто друго. Сево ова е феноменално изведено, бара од вас инстантно да се прилагодувате на непредвидливата шема, а кулминира со епски настан кој никако не сакаме да го дискутираме, од страв да не ви го поквариме изненадувањето. Во зависност од тоа колку добро вашата група ќе се справи на концертот би можеле да добиете од 1 до 4 ковчези со плен.
Не е сè светло и пријатно во Bound by Blood
По успешно завршување на некој од четирите мета настани, ќе добиете токен. Штом соберете четири токени, по еден од секој мета настан, ќе можете да отворите по еден ковчег, дневно, од трезорот. Ковчегот крие многу екслузивни награди, не само од претходните епизоди, туку и од овој пролог. Оние кои се спремни да излезат на крај со ваквиот грајнд, можат да извлечат и нов шлем кој е само за чар ликовите, четири нови оружја, кратка мајца во форма на оклоп (по прв пат во играта), како и целосно нова инфузија. Некои од овие награди можете да ги купите и од продавачите на новата мапа, но за да ви биде понудено таквото нешто, првин мора да отклучите одредено достигнување.
Како изгледа новата инфузија и едно од новите четири оружја.
Надвор од ова, можете да учествувате во првата Strike мисија која е замислена како еден вид вовед во рејдовите. Сите гејмери го немаат трпението и вештините за справување за рејдови, па, поради тоа, Arena Net гледа на Strike мисиите како на благ вовед и правилно подготвување за запливување во водите на рејдовите. Оние кои играле фрактали, ќе се чувствуваат како дома со оваа мисија. Се работи за слична разонода, но со двојно повеќе играчи и зголемен предизвик. Иако нѝ се допадна нашата прва мисија, некако посакавме Arena Net да биле похрабри во осмислување на урнекот и да понудат нешто што не отвора толку многу дежа ву порти. Имајте во предвид дека нема да ви биде отклучена Strike мисијата се додека не завршите првин со главната приказна. Со комплетирање на овие мисии, девелоперите објаснија дека имате ексклузивни награди во форма на нови изгледи, опрема, како и нова столица.
Отклучете ги сите мета достигнувања во Bound by Blood и, по првпат во GW2, ќе можете да користите Rock Out поза, заснована на некро танцот од оригиналната Guild Wars.
Активностите и истражувањето на мапата ве наградува со целосно нова валута. Играјќи го прологот, можете да отклучите нови оружја и опрема, како и, доколку сакате, да го купите новото животно за јавање кое е апсолутно феноменално и плени со убавина која се чини како да црпе силна инспирација од легендарниот лак и стрела, Kudzu.
За време на нашата заедничка сесија, ги прашавме девелоперите на кој начин ќе се органски менува и проширува мапата.
„Како се одвива главната приказна низ епизодите, ќе бидат видливи одредени промени низ мапата, ќе почнете да забележувате како одредени работи се или уништени, или запалени. Како напредуваме (територијално), особено накај Шиверпикс, ќе почнете да забележувате и интересни временски промени, како и механики поврзани со борба со елементите. Мапата дефинитивно ќе се менува со приказната.“
Bound by Blood крие нова трка, но и нови загатки со скокање каде нема да биде дозволено да користите животни за јавање.
Во поглед на главната приказна, Guild Wars 2: Bound by Blood е феноменално, но исклучително кратко интерактивно остварување со кое ќе завршите за едно попладне и во едно седнување. Но, тоа не значи дека нема што да правите до излегување на првата епизода, која би требало да биде во ноември. На располагање имате над дваесет нови активности и мета настани, а наградите кои се кријат по секое нивно завршување, би требало правилно да ве мотивираат да се навраќате во долината Гротмар. Би сакале мапата да е поголема, а приказната подолга, но како еден пролог, Bound by Blood не разочарува. Нуди интересни активности, награди и, пред сè, ветување дека првите две епизоди ќе направат нешто исклучително револуционерно.
The post Рецензија: Guild Wars 2: Bound by Blood е кратко, но феноменално остварување кое вдахнува нов живот во седумгодишната ММО игра appeared first on IT.mk.