
Додека ја игравме GolfTopia, во ниеден момент не се здобивме со впечаток дека се работи за игра која е во ран пристап и допрва ќе се развива во наредните шест месеци. Одлично оптимизирана, полна со забавни механики, и лишена од багови, GolfTopia веќе е одличен интерактивен продукт, што е двојно импресивно кога ќе земете во предвид дека е направена од само двајца девелопери.

GolfTopia влече силна инспирација од бизнис Tycoon симулациите, но со неколку уникатни жички провлечени низ целата формула. Пред да започнете со дизајнирање, градење и управување на вашиот терен за голф, потребно е да одберете мапа. На располагање имате лизгачи кои местат колку од теренот да биде исполнет со водени површини, колку со ридови, планини, дрвја, карпи и слично. Играње со овие опции го менуваат теренот во реално време и лесно можете да добиете визуелна претстава за мапата на која ќе започне симулацијата. Наредниот чекор ви дозволува да одберете најразлични тежини, односно предизвици за време на играњето. Дали да печалите повеќе пари од вашите посетители, колкава да е застапеноста на коров, како и дали да плаќате за да ги отклучувате соседните делови од мапата за проширување на вашиот терен.

GolfTopia е замислена да се игра во релаксирана состојба и без брзање. Предизвикот се зголемува што побргу и повеќе градите, така да подобро е да почнете скромно и поубаво да се запознаете со понудените градби и механики. На самиот почеток ќе треба да направите клуб, а потоа и да го средите вашиот прв терен, заедно со патеки, дупки и рекреативни центи кои ќе го привлечат интересот на посетителите и ќе ги принудат да го одберат токму вашето место за трошење на нивните пари.

Разноликоста и динамиката на терените, која се подобрува со бројните структури и одржување, директно влијае на расположението и забавниот фактор на посетителите. Ова е особено важно доколkу сакате да имате константни посети и финансиски прилив. За таа цел, можете да поставувате откачени направи како вентилатори кои ќе ја дуваат топката во одреден правец, подлоги кои ја лансираат топката во воздух, па дури и огнени кругови низ кои може да поминува топката.

Во поглед на објекти, имате на располагање светла, тоалети, клупи, корпи за отпадоци, како и вендинг машини за пијалаци и грицки. Интеракцијата низ светот на GolfTopia е онолку симпатична колку што е откачена, а, верувајте, има од двете и за извоз. Имено, можете да изградите кула која пука со ласери и го гори неуморниот коров. Откако ќе ги поставите основните објекти, можете дополнително да го разубавите теренот со дрвја и декорации. Помалку трпеливите симулатори, можат да активираат бустери кои ги забрзуваат голф играчите, но, со тоа ја ризикуваат нивната здраствена состојба.

Во ситуации кога сакате да се опуштите со квалитетен наслов, GolfTopia се наметнува како повеќе од одличен избор. Вашето навлегување во зен состојбата е дополнително охрабрено со релаксирачка музичка подлога и суптилни звучни ефекти. MinMax Games Ltd. вложуваат напори да воведат уникатни можности и комплексен систем за турнир, уште направи со откачени функционалности, како и други кули за ефикасно справување со коров.
До сега, не нѝ се случило лесно да заборавиме дека некоја игра е во Early Access. Искрено уживавме во моментите проведени со играта и не можеме да ги дочекаме останатите новитети од талентираното дуо од MinMax.

The post Рецензија: GolfTopia е игра во која градите и управувате со футуристички терен за голф appeared first on IT.mk.