
Доколку уште не сте го положиле возачкиот испит, една добра вест за вас. ТестовиВозачка е македонска Android апликација развиена од Александар Ангелов, која може да ви помогне да се подготвите.
Апликацијата е едноставна за користење. Корисникот може да одбере помеѓу: тест и вежби. Тестот е составен од избор од 30-прашања, а вежбањето овозможува да одговарате и да проверите дали ги знаете одговорите на прашањата. Секако, најважно е што прашањата во апликацијата се официјалните од Министерството за внатрешни работи и прашањата се однесуваат на сите возачки категории – А, А1, Б, Д ,Д1, М, Ф, Г, Ц, Ц1.
Апликацијата нуди и комплетна статистика за прогресот кој ќе го имате за време на одговарањето на прашањата, што дава интересен осврт на процесот на учење.
ТестовиВозачка е бесплатна но со ограничувања, за да го отстраните лимитот од 100 прашања за тестовите треба да платите. Дополнително се чини дека е дозволено само еден обид на тестовите пред апликацијата да побара премиум верзија. Апликацијата истовремено на корисниците им овозможува:
- да одберат прашања според тежината;
- да селектираат прашања кои сакаат да ги разгледаат или
- да изберат дека некое прашање веќе го знаат.
За корисниците кои се подговуваат да полагаат цената од околу 30 денари (0.54 долари), е симболична. Можеби и дел од агенците кои ги подготвуваат идните возачи можат да инвестираат и да ја обезбедат оваа апликација за своите корисници и да го подобрат процесот на учење. Можеби тоа дополнително ќе го мотивира Александар да поработи и на дизајнот на самата апликација, која за сега не нуди баш добро корисничко искуство.
Како предност на апликацијата е што за нејзино користење по преземањето не е потребна интернет конекција и може да се едуцирате и офлајн. Апликацијата е достапна на Google Play, за сите телефони со Android 4.0.3 и понов ОС.
The post Подгответе се за тестови за возачка со македонска Android апликација appeared first on IT.mk.